Жозефина Фина и Нејзиниот Мајстор.

(Ж.Ф.) и не се викаше Жозефина ама навистина беше фина. Таа го запозна (Н.М.) во една работна посета на едно градилиште, кога го замоли да и помогне во мерење со пантлика.

Тој, Нејзиниот Мајстор со задоволство и со насмевка на лицето и помагаше, …дури и потскокнуваше за да и удоволи на нејзините барања.

Мајсторот беше висок, крупен, планина од човек, со широки раменици, со потемнето од сонце лице, со тело преплавено од мускули, ама и од евтини тетоважи невкусно расфрлани по целото тело.

Таа, симпатична ветрушка, тенка, слабичка, со плава коса, со млечен тен на кожата, со тенки и прави нозе, … и со уште потенки рачиња. Витка во струкот, со убаво фустанче, и со многу убава насмевка и најважното од се, со бистро мозоче на еден градежен инжењер.

Мајсторот беше лисичест и веднаш ја покани на кафе после работа. Предизвикот беше голем, на Жозефина и се допаѓаа такви грдосии од мажи, ама од друга страна ја мачеше нејзината непогрешна интуиција дека ќе се прејде и дека е најдобро да ја одбие понудата.

Сепак прифати, слични како него, во осамените ноќи и доаѓаа на сон.

На првиот состанок, таа целата стокмена, намирисана од нејзините купки, со возбуда во срцето го пиеше своето кафе додека мајсториштето го толчеше второто пиво од кригла. Фрчеа емоции од нејзина страна, пеперутките огномет правеа во нејзиниот стомак, а градите и беа подигнати и преполни со воздух а сепак не можеше да дише.

По кафето заминаа во неговото изнајмено живеалиште, една стара куќа која веќе поодамна имаше маркица за рушење.

Тука искусниот домаќин да се покаже и докаже пред предстојниот плен и направи вечера, што на неа како гест и се допадна, многу  повеќе одколку самите пиперки со јајца. Мајсторот иако претходно се напи две пива, не му пречеше со неа после вечерата да и помогне во белото совињон винце. Притоа и градеше кули и градови до небо, дури и повисоки од тие што таа имаше учено во нејзините книги. И ветуваше соништа базирани на ветришта, а на неа и се матеше умот нешто од преубавите мечти а нешто и од виното.

Во еден миг се најде удобно навалена на перница од креветот а мајсторот и ги љубеше набрекнатите цветчиња на белите дојки…

Такви убави вечери имаше уште, … и уште. Мајсторот се поубаво ја љубеше а таа се повеќе пливаше и лебдеше некаде на пола пат помеѓу небото и земјата.

Еден ден, таа, поради основано сомнение,  го брцна својот да го наречеме топломерво првата утринска мочка и беше вчудоневидена кога забележа прозорецот не покажуваше “ clear” туку “ blue”. Аууу, леле мајко милааа, дали да се радува или да плаче,  како ли ќе реагира нејзиниот мајстор?

А мајсторот беше вџашен, целиот занемен како умочкано во гаќи детенце. По кратко време малку се совзема и нешто пелтечеше, ја молеше и на крајот двајцата се сложија дека брак и дечиња ќе имаат подоцна.

Утредента додека дождот ги чистеше улиците од прашина и таа се исчисти.

Потоа Таа посакуваше да замине некаде далеку, се со цел да направи пари. И фантазираше, мајсторот да и согради за нив една преубава куќа, некој топол дом за нив двајцата и за нивните идни деца. Набрзина замислено и уште понабрзина остварено. Замина кутрата самичка во една ветена земја, земја преполна со пари, ама пари кои тешко се заработуваа.

Живееше живот осамен, без нејзините купки, само со едно сапунче кое истовремено и беше и за лице и за тело. Штедеше на се, дури и на храна. На работа идеше со велосипед,  да заштеди на месечен билет. Дури и најде хонорарна работа во вечерните часови, во една перална во близина кај што живееше. До 17 часот беше инжењер, црташе програмираше, а навечер во гумени чизми и гумени ракавици переше теписи.

Ах таа љубов, ах тие пеперутки.

Во првата година после разделбата, таа работеше а заштеденото го ставаше во едно пластивно кутивче од цедевита. Додека работеше едвај чекаше да дојде ноќ и да го види својот сакан на камера. И така разголена заспиваше.

После првата година, почнаа и првите расправии, па неретко и по неколку недели не зборуваа, па пак се миреа и се така. Мажјакот беше љубоморен ако Таа не беше вклучена на камера а таа требаше да му се оправдува дека тоа е поради боледување, поради повишена температура од натопените чорапи.

Во втората година, повеќе не збореа отколку што збореа, ама кога ќе беа во добрите беше уф, толку убаво, толку идилично.

После третата година машката кучка целосно се налути од причини само на него познати и повеќе никако не контактираше со неа. Таа залудно ја вклучуваше камерата и ги чешлаше косите за да биде полична во неговите очи.

Тоа не ја попречи и понатаму да го остварува зацртаното. А замислено беше куќа со убаво средено дворче  и балкон преполн со црвени рози. За тоа и беа потребни точно толку пари спрема пресметката.

Таа сума ја оствари дури после девет години и уште згора неколку месеци плус.

Целата избезумена го купуваше својот авионски билет за назад. Птицата леташе ден и ноќ. Кога пристигна солзи тажни и радосни и капеа од очите. Брзаше накај дома и се осврнуваше можеби случајно ќе го види, него, …и тој целиот фрапиран ќе се затрча и силно ќе ја гушне.

После неколку дена упорно распрашување дозна кај работи мајсторот. Замина на фризер, облече убави алишта да ги прикрие здебелените нозе, беше на педикир да ги прикрие од работа потечени и исчолкани нокти, и целата како паун надуена, со возбуда во срцето пристигна на тоа градилиште.

Го бараше со поглед, тивко се моткаше а попат трипати провери кутивчето од цедевита дали е тука во чантата, за да кога ќе дојде вистинскиот момент го извади и среќно  му го покаже на саканиот.

Најпосле го уочи и со поглед го лоцираше. Да, тој е. Се подзаскри зад една работна машина и го посматраше. Тој снаведнат ѕидаше тули под конец. Се уште беше прегорен од сонце ама со мускули наполу од порано. Ребра му се броеа, коски штрчеа на сите страни, лицето во образи испиено. Погледот и се стаписа кога ја виде неговата десна дланка. Му недостасуваа три прста, палецот, показалецот и средниот прст. Се затрча да го гушне, да го охрабри дека и таков ќе го сака, дека тоа не е ништо, дека на љубовта не и пречат телесните недостатоци.

Трчајќи накај него, силно го повикна на име. Тој се сврте, се подигна, ја подотвори устата и едноставно збунето застана.

 Таа, му пријде, силно го стисна, го гушкаше, го гушкаше, а тој неподвижно стоеше како бетонски столб. Таман таа собра сила да проговори, …Знаеш, … , тој ладно со рацете и ја одкопча нијзината прегратка, и уште со поладни зборови и рече:

-Те молам оди си, имам работа…

-Да, Те разбирам, можеме после работа…

-Женска главо зарем не разбираш оженет сум, ајде мавни ми се од глава.

И Америка, и Канада, и Нови Зеланд и се свртеа во глава. Некои притрчаа и ја посипуваа со вода, и шлускаа шлаканици а таа посакуваше веднаш да заспие во најдлабок и вечен сон. Ја освестија во болница, а сестрите шепотеа, кутрата поверувала дека постои љубов.

Целото кутивче цедевита отиде на оделот за психијатрија.

Долги години  ја среќававме на клупа како бледо  гледа во едно место, …место каде што порано беше куќата со маркица за рушење а сега голем солитер со убава фасада.

 

 

 

 

 

 

 

One thought on “Жозефина Фина и Нејзиниот Мајстор.

Leave a Reply

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out /  Change )

Google photo

You are commenting using your Google account. Log Out /  Change )

Twitter picture

You are commenting using your Twitter account. Log Out /  Change )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out /  Change )

Connecting to %s

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.