Мариче привршуваше со месењето, само уште зелникот да го стави во шпорет и готово е, ќе може да здивне и да земе малку душа пре да појде да ги измолзи козите. Па потоа уште еден куп домашни работи, болни родители да види, да им даде за јадење, лекови да им спреми и се друго што им треба.
Сета домашна работа, добиток, па и по нивите неа ја чекаше. Двата брата заминаа еден на една страна далеку далеку, а друг на друга страна уште подалеку. И од кога да чека помош? Сал сама.
Но таа не подаваше слабост, цврсто беше решена да ги исчува родителите како треба, како им доликува.
Така ѕиркајќи во шпоретот, дали зелникот е готов слушна тропање на влезната врата,
- Домаќини, домаќини, отворете!
Мариче се изненади ама тоа е, куќа е, може некој има мака.
- Добар ден, ние сме од Комисијата за процена на штета од Министерството, знаете, продолжи момчето како навиено, ако сакате да пријавите штета од скакулците оваа година многу ги има.
- Штета секако дека имаме, кој нема штета, секој има, … ама потреба од помош немаме, се си имаме, ви благодарам одете си, го прекина Мариче и и пролета една мисла во главата, житото опустошено, брашното при крај, трева за добитокот немаше, толку многу ги имаше да додека одиш пред нозете бранови и бранови ЦрниПопчиња поскокнуваа настрана, чиниш во езеро си. Но, Мариче не подаваше слабост, зарем тие да земаат помош, нее, тоа никако, помошта е за сиромашните, му одговори гордо.
- Еј, момиче убаво, сите пријавуваат, земи си, не се прави будала или јас тебе ќе те земам, … гласно се насмеја со што и стави до знаење за своите намери, малку на шега малку на вистина.
- Ауу види го, момчето во кондури дошло селска мома да гледа, …Мариче се присети на зборовите на баба Велика, нека и е лесна земјата таа беше одамна почината ама кога и гледаше на филџан црно кафе се и велеше, Мариче не грижи се, ќе дојде година на црни скакулци и тогаш во таа година ќе ти дојде едно фино младо момче. И тоа не во опинци, на нозете ќе има силно светнати црни чевли. Е, тогаш ти ќе се омажиш, порано не.
На Мариче и дојде смешно што многу работи се поклопуваа што баба Велика и ги претскажуваше и ги покани на зелник што веќе беше готов и топол. Му ги загледа чевлите не беа црни и силно светнати, беа кафеави и правливи од долгиот пат до Планината. По тој лош пат дури и службената Лада Нива не можеше да излезе по угорнина па двете колешки и Митко мораа малку и да пешачат.
Така вака, смешка шала, бидна и појадок и Митко најаден ама и насмејан им соопшти:
- Ќе ме извините луѓе ама јас се брзам, денеска се женам морам да ги вратам колешкиве назад а и да не ми затворат продавниците веќе e време за назад.
Се поздравија, Мариче не пополни никаков формулар, екипата си замина и секој по својот пат.
Но патиштата божји никој не знае каде ќе се вкрстат. И така и се случи. Се вкрстија така што Митко купи златен прстен во градот, му дотури гориво во службената Лада, ги собра родителите со него, повика една група на музиканти и со две возила едната Лада и една канта на четири тркала, од музикантите грабеa силно по угорнина да ја просат Мариче.
Мариче кога ги виде од далеку како со песна, Домаќине добри гости ти дојдоа и се приближуваат кон домот точно знаеше дека баба Велика била во право.
- Абе Зајко Кукурајко зарем немаше некои црни чевли да обуеш, па да ги светнеш барем за женачка, се пошегува со Митко…
… да и така се си бидна. Бидна свршувачка во Годината на Скакулците, и се како што доликуваше. Мариче не се оддели од родителите, се преселија во градот ама заедно со нејзините. Господ им дари и рожба, децата пораснаа а сите што ги познаваа велеа дека таква љубов никој нема видено. Такво взаемно почитување, такво сакање, сакање за прераскажување, јас на Вас а Вие на некој друг.
Некојпат и пет минути да си со некого се доволни да знаеш дека тој е човекот кого ќе го љубиш цел живот.
Divna priča!
LikeLiked by 3 people
Hvala, svako dobro.
LikeLiked by 3 people