Јаглика сон сонуваше.

Јаглика беше млада и амбициозна личност.  Беше убава, нежна и кревка како и самиот цвет јаглика. Кожата и беше скоро проѕирна, пребледена од читањето во долгите ноќи над  дебелите книги. За одмор и сончање не и се денгубеше. За неа тоа беше бадијала фрлено  време. Сите школи што постоеа и што беа измислени таа ги заврши. Сите курсеви за компјутери за кои слушнала, ги заврши. Два страни јазика течно говореше и уште со неколку активно се служеше. Безброј титули освои, безброј кратенки постави  пред нејзиното име.

На Јаглика момчето,  беше многу слично на неа. Томче исто беше по книга и по учење. Не пиеше. Не се коцкаше. Човек без пороци. Човек на место. Така барем на прв поглед, на Јаглика и се чинеше.

На ден пред Нова година, Јаглика со своето твинго врвеше по патот накај викендичката во Планината. Намерата и беше да ја подспреми малку. Таму со Томче не идеа често, но идеа задолжително за Дочеците. Немаа време за почести доаѓања.  Нејзините родители пак немаа желба, за нив тоа беше далеку и малтретирање. Така Нејзините ја доживуваа викендичката која со многу труд ја направија и која воопшто не беше во лоша состојба. Јаглика само требаше да проветри, да го стартува каминот на ден пред Дочекот, за да се стоплат ѕидовите.

Така возејќи по угорнина размислуваше за нејзината врска. Размислуваше за неодлучноста на Томче да ја запроси. За него, секојпат не беше доволно добро време. Секојпат, …Има време, му беше омилениот изговор.

Размислуваше и возеше. Како се ближеше половината на патот така таа возеше понесконцентрирано. Дозволуваше мислите да и влијаат на возењето.

И да, се случи тоа што беше нормално да се случи. Таа замислена, патот лизгав, излета од патот во еден ендек и твингото го внурна во еден брег, кој пак се одрони и и нафрли купишта земја врз хаубата. Среќа Јаглика не беше повредена освен што малку ја болеше рамото од ударот во волан.

Ја обзема страв.

Повторно го запали моторот кој угасна при ударот. Вр, вр, вр, проба да ја одглави колата, малку напред, малку назад и сега успеја целосно да ја заглави. Толку многу ја заглави да вратата од кај неа и задната лева беа блокирани од земја, совозачката врата и задната десна водеа кон провалија. Единствената опција да излезе беше гепекот, а гепекот беше заклучан. Идејата да побара помош веднаш се покажа за невозможна, мобилниот немаше мрежен сигнал. Модерното и скапо кутивче во овој момент беше безвредно нешто.

Јаглика беше толку многу исплашена да почна силно да плаче и да рида. Викаше со плач. Пискотници ечеа, удираше со рацете напред, стискаше беспомошно со нозете по педалите.

Се попусто. Решение немаше.

Малку се прибра и почна да му се моли на Бога за некое чудно спасение. Таа излез од безизлезната ситуација не видеше. Го молеше Господа, и Го молеше.

  • Мили Боже, со што ли Ти згрешив? Зарем вака да завршам во пустелија?

Рамото и правеше зголемена болка ама реши да проба да го скрши стаклото од задната врата за да излезе низ принудниот излез.

Внимаваше, да ако види некое светло од случаен авто минувач, да свири со сирената за помош. Но, доцна во ноќта, ден пред Нова Година сето тоа беше утопија. Веројатноста за такво нешто беше многу мала.

Некако со акробатски движења помина на задното седиште, успеа дури и да го скрши стаклото ама не, вештина да се пикне тука низ тој отвор ја немаше.

  • Мила мајчичке, што ли сум грешна? Зарем ова сум го заслужила? Па јас бев мирно и умно дете.
  • Татичко мил, зарем јас твојата ќеркичка мила, вака да завршам?

Јаглика бараше прочка дури и од мачето,

  • Маченце мое мило, прости ми што не те јас исчував и што те дадов друг да те посвои. Не требаше. Згрешив.

Почна да размислува за Томче. Беа договорени да се слушнат одкако ќе стигне во викендичка. Се понадева дека Томче ќе наслути дека нешто не е во ред и ќе тргне по неа. Ќе се загрижи.

Родителите и беа стари и не баратаа многу со мобилните.

Со солзи, со молби, со кукање и плачење дојде и ново утро. Таа заглавена во внатрешноста на твингото имаше доволно време да размисли за се. Целиот живот и помина како на една филмска лента.

Во целата невоља Таа многу размислуваше за Томче. Да, Таа беше таа која дневно по повеќе од дваесет пати ќе му се јавеше,  Еј, здраво, каде си, како си. Таа беше сонцето на Томче која го одглавуваше од секакви невољи. Таа беше Јаглика, Јаглика што го сакаше.

Нов ден се вели и нова надеж. За Јаглика немаше повеќе надеж. Прегладнета, со натечено рамо, акумулаторот испразнет од сирената  и од вклучените светла, сама во ендек реши да напише и проштално писмо.

Пенкало имаше само ливчињата и беа мали, знаете оние со лепенка од задната страна кои служат за подсетник.

-Тато, мамо ве сакам многу. И ги стави буквите во срце, знаете онака како што цртаат децата срца, невино и чисто.

– Бато, немој да плачеш и да жалиш по мене, да ги чуваш мама и тато.

– Томче те сакам, ти си моја љубов. Одсекојпат сум те сакала.

…и уште многу такви ливчиња…се до последното ги истроши, ги изналепи околу неа,

Од болката почна да и се темни. Ја фаќаше несвестица и ја потпре главата да ја одмори.

 И до тука се сеќаваше Јаглика.

Наредното нешто, беше будењето во болница. Да, молбите и беа услишени.

Господ мил и беше напомош.

Господ мил му даде несоница на нејзиниот сосед во Планината.

Господ мил му шепна на соседот дека, Нешто не е во ред со Јаглика. Дека Таа секоја година, ден пред Дочекот доаѓаше на викедичката и му носеше малку внимание, кафе и колачиња. Таа редовно му нудеше и помош во вид на пари.  Ако му се потребни,  нема проблем, секојпат ќе му позајми.

Миле, такво нешто никојпат не побара. Тој беше скромен човек, општ работник во околната пилана, одкако жената му почина живееше сам. Од Планината се спушташе само по месечните потребштини.

Во тој Суден ден, Миле немаше мир. Ноќта се спушти а светлото кај Јаглика не се запали. Не слушна паркирање.

Во таа ноќ некоја сила го подигна да тргне сам пешки со мала џебна батерија да ја бара Јаглика. Да помине десетина километри удолу по патот. И скоро и да се спремаше да се откаже од потрагата кога  ја здогледа колата од Јаглика… Вресна и притрча што поскоро можеше.

Понатаму се умно стори. Едноставно направи се за да ја спаси.

И ја спаси.

 Кога ја расвестија Јаглика и кога исприми инфузии и се друго што и беше нужно потребно, побара полнач и му сврте на Томче.

  • Здраво мил мој, што правиш?
  • Здраво Јаглика, добро сум. Зарем не е малку рано сега да одиме на Дочек? Ај Те молам само да доврши утакмицата, Ти знаеш дека сум по топка. Те молам, немој да ми се лутиш. Та и онака таму ќе дремеме покрај каминот сами.
  • Не, Томче не ти се лутам. Знам дека беше многу загрижен за мене, …и малку замолкна, онака испитувачки го начули слухот што подобро да ги слушне наредните зборови.
  • Зошто да бидам загрижен, зарем се случи нешто лошо?
  • Не. Тоа што се случи е само наизглед лошо. Видов безброј пропуштени повици, си ме барал, си ми пишувал пораки, продолжи Јаглика.
  • Те барав неколку пати ама беше недостапна.

Молк.

  • Мислев да те барам, се подисправи Томче одкако го слушна Молкот како громоти.

На Јаглика и се слоши повеќе одколку за време на несреќата. Уште и лаже, си помисли. И го продолжи разговорот, веќе како некоја игра.

  • Томче, нема врска де, не се оптеретувај, вртел невртел, се исто ти е. И онака сме само во формална врска, ти знаеш и самиот какви ни се ноќите кога сами дремиме пред каминот, …со негови зборови по негов грб, му врати Јаглика.
  • Немој така љубов моја, …Томче проба да излезе од ќорсокак во кој самиот се вовлече.
  • Љубов моја си бил само ти на мене Томче, а јас на тебе само девојка од која нема да се срамиш. Девојка учена, девојка која вечно ќе те чека. Ама Томче, љубов моја бивша, до тука било.

И натаму Јаглика реши со солзи во очите разговорот да го води со мајтапење.

  • Се мажам Томче, …дури и се насмеја гласно да биде збунувачки, …Посакај ми среќа, Томче. Барем тоа го заслужив.
  • Јаглика зарем е тоа можно? Си ме изневерувала за цело време. За кого се мажиш Јаглика?

Јаглика се најде во чудо. Се сплетка и не знаеше како да ја продолжи лагата.

Еден машки прст, машки беше вперен во самиот себе. Тоа беше прстот на Миле. Миле седеше на болничкиот кревет крај Јаглика и ја тешеше дека бргу ќе закрепне.

Силна топлина ја обзеде во лице Јаглика. Чувствуваше благодарност што Миле и даде идеја како да ја продолжи лагата.

  • За Миле се мажам. За Миле од Планината, излажа Јаглика.
  • Ах, знаев, знаев. Одсекојпат сум се сомневал во тој човек. И дури сега ми е јасно зошто толку инсистираше сиве овие години да бидеме сами во викендичката.

Бип, Бип, Бип, …Јаглика исклучи, немаше што повеќе да зборува со деветгодишен познаник. Со странец.

Миле, почна да се извинува. Му беше непријатно.

  • Извини Јаглика, јас сум за се виновен.

Јаглика го фати Миле за рака, …Не грижи се. Се се случило на време. Подобро сега одколку целиот понатамошен живот да ми помине само во сон и тоа само во едностран сон. Сега се свестив дека јас сум само стара мома и дека како таква и ќе си останам.

Миле сакаше нешто да каже. Полнеше уста, полнеше па застануваше. Силно се вцрвени во лицето и толку гласно викна да и од околните кревети сите се свртеа:

  • Епа, тогаш, Омажи се за мене,

…Свадбата беше скромна и се одвиваше во викендичката. Само со ептен најблиските. Твингото како и Томче беа закопани во заборав а патиштата Господови се отворија за две скромни души. Тие продолжија да живеат со нешто преку потребно. Со љубов.

Каминот доби некоја сосема друга димензија. Димензија што одсекојпат ја посакувала нашата Јаглика.

4 thoughts on “Јаглика сон сонуваше.

Leave a Reply

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out /  Change )

Google photo

You are commenting using your Google account. Log Out /  Change )

Twitter picture

You are commenting using your Twitter account. Log Out /  Change )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out /  Change )

Connecting to %s

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.